A Б В Г Д Ѓ Е Ж З Ѕ И Ј К Л Љ М Н Њ О П Р С Т Ќ У Ф Х Ц Ч Џ Ш

А

АЛВЕОЛАРНА КОСКА
е дел од горната и долната вилица во која се всадени забите. Лежиштата на забите се викаат чашки или алвеоли, кои постојат се додека постои и забот по негово вадење, алвеолата се исполнува со коскено и сврзно ткиво

АМАЛГАМ


Амалгамска пломба

Стручен опис за секој метал-легиран со жива, кој е универзално употреблив материјал за дефинитивно полнење во невидливата регија на забот, научно, клинички, технички и економски познат во целиот свет. Денес во стоматологијата се употребува легура од металите сребро и цинк и таа се меша со жива (со удел од 50%) позната како сребрен амалгам. Контраиндициран е кај тешки оштетувања на бубрежната функција, кај деца до шест-годишна возраст и бремени жени (како мерка на претпазливост), кај ретроградни полнења на коренот и како материјал за надградба под влажна коронка, кога надоградбата е во посредна, индиректна врска со изготвувањето на коронката.


Предности на амалгамските полнења се:
во принцип едноставната техника на работа
ни еден друг материјал не може да го замени амалгамот во регијата индицирана за него
еден вид на "доброќудност" на амалгамот при обработката
ограничени трошоци
ограничени трошоци на пациентот при негата на амалгамски полнења
релативно долг век на траење (9-15 години)
добар за полнења во регијата на катниците заради неговата стабилност

Недостатоци се:
естетски не задоволуваат, особено ако не се добро исполирани
не се употребуваат во видливиот предел
во јавните дискусии тој е "отфрлен" материјал
од противниците е многу силно напаѓан
ја загадува животната средина (ситуацијата во манипулацијата со него е многу подобрена после законски пропишаниот амалгам сепаратор)
за кавитет за амалгамско полнење се жртвува релативно многу здрава забна супстанција
опасност по здравјето на терапевтот и соработниците при несоодветно работење
потенцијални алергиски и токсични оштетувања од дополнителното оптеретување, иако ограничено, на организмот со жива.

АПИКОТОМИЈА
Тоа е хируршки зафат во кој се отстранува воспаленото коскено ткиво околу врвот на коренот (гранулом, циста), заедно со зафатениот дел од коренот на забот. Остатокот од коренот останува во коската, а забот продолжува да си ја врши својата функција во устата.

АФТA
(гр. афта = краста во уста) промена на усната лигавица (бела флека со црвен раб), се јавуваат поединечнo или во групи; хронично се повторуваат или спорадично се јавуваат; траат околу 10 дена. Често се јавуваат во период на никнувањето на забите, менструален циклус, при стрес, при општи заболувања како дигестивни болести. Хроничниот тип на болеста често пати може да се задржи и до крајот на животот. Во акутен стадиум се манифестира болно, со треска, зголемени лимфни јазли и непријатен здив. Различните симптоматски терапии (каузална терапија се' уште не постои) се со варијабилен успех.

 

Б

БОРЕР
Тоа е прецизен инструмент за обработка на забот; постојат различни големини и облици на работниот дел, во зависност од јачината на забната супстанција која се третира (глеѓ или дентин) или од начинот на препарацијата. Заради бушењето, изработени се од цврст материјал, може и главата на борерот да биде од истиот материјал или пак, во зависност од намената, може да биде прекриен со друг материјал (дијамант, карборунд, гума итн.).

БРЕКЕТИ


Брекети

Се употребуваат во ортодонцијата а, претставуваат метални зацврстувачки елементи на фиксните ортодонтски апарати. Се лепат за површината на забот со специјална техника и на тој начин претставуваат место на активно делување на силата која ги движи забите (главно со помош на жичани лакови), кај фиксните апаратчиња. Од козметички причини, неубавите метални брикети напредуваат со тоа што се заменуваат со брикети од синтетички материјали или од керамика. Или се поставуваат на внатрешната страна на забите. При неправилна техника на лепење, флеките на површината од забите предизвикани од декалцификацијата што ја прави лепакот, може да останат и долго потоа.

 

В


ВЕШТАЧКИ ЗАБИ


Вештачки заби

Во протетиката се користи надоместувањето на коронката на природниот заб со синтетички материјали или со керамички маси, кои се поврзани со протетската база преку полимеризација или со механичка врска. Вештачките заби не се произведуваат во забните лааборатории, туку во фабрики за стоматолошки материјали (како "Вита" во Бад Зекинген) во големи серии, во многу бои и големини соодветни на многуте вариетети на природните заби а, потоа индивидуално се вметнуваат во протетската база од забниот техничар. Бојата на вештачките заби се избира со помош на тн. клучеви за боја, со кои со споредба во устата на пациентот, се избира бојата соодветна на природните заби.


ВКРСТЕН ЗАГРИЗ
Тоа е ортодонтска аномалија во хоризонтален правец, лево-десно. Претставува неправилен преклоп на бочните заби, при што наместо горните заби да ги преклопуваат долните, некои од долните ги преклопуваат горните. Може да се јави еднострано или обострано, а поизразениот вкрстен загриз предизвикува и искривување на долната вилица на страната на аномалијата. Со соодветен ортодонтски третман може да се најде задоволувачко решение.

 


Г

ГИНГИВА
тоа е специјален дел од усната лигавица, на лаиците познат како "непце" или "забно месо", кој е дел од пародонциумот (потпорниот апарат на забот). Таа го обвива видливиот дел од забот и со тн. епителна врска е поврзана со емајлот на забот односно цементот на коренот. Оваа врска овозможува ефективна бариера на организмот против микроорганизми. Гингивата меѓу забите се нарекува интердентална папила. Гингивата што налегнува директно на забот е подвижна; потоа го покрива продолжението на алвеолата, зачувувајќи го коренот и зацврстувајќи го неподвижно (припојна гингива), за на лигавично-гингивалната граница повторно да премине во подвижна усна лигавица.
Едно заболување на гингивата кое е многу често, тн."воспаление на непцата", стручно се опишува како гингивитис .

ГИНГИВИТИС
е акутно или хронично воспаление на гингивата ("непцата"), без разградба на коска или расипување на забот, скоро исклучиво предизвикано од бактериите од забниот плак налепен на вратот на забот. Материите кои се создаваат при живеењето на предизвикувачите на оваа болест, предизвикуваат воспаление на гингивата или пак директно го оштетуваат осетливото ткиво. Знаци на болеста се зацрвенета и отечена гингива, која при механичка иритација, како на пр. миење на заби, спонтано почнува да крвари. По отстранување на иритирачките фактори (отстранување на забниот плак со темелно чистење или со стоматолошка интервенција), гингивата се обновува релативно брзо. Преваленцијата кај деца и кај возрасни, ширум светот е од 60 до 100 проценти.

ГРАНУЛОМ
Тоа е воспалено коскено ткиво се гледа на Ртг снимка каде што изгледа како поцрн круг (на рентгенолошки јазик тоа се опишува како просветлување ) околу врвот на забот. Настанува од нелекувани, несоодветно лекувани а, може да се јави и по најсоодветно лекувани умртвени заби. Грануломот се лекува со ендодонтски третман на умртвениот заб или хируршки, со апикотомија.

 

Д

ДЕНТИН - Уште познат и како забна коска ова ткиво го изградува најголемиот дел од забот и на забот му ја дава неговата форма. Се создава во текот на целиот живот од страна на пулпата и од неа добива крвни и нервни садови.

ДЛАБОК ЗАГРИЗ
Тоа е ортодонтска аномалија во вертикален правец, при која горните предни заби премногу, над 3 мм ги преклопуваат долните. Кога е многу изразена горните заби може во целост да ги преклопуваат долните, па дури И да ја допираат гингивата. Длабок загриз обично се јавува откако ќе се изгубат првите катници, зошто тие први ја одржуваат висината на загризот, а се јавува и во склоп на горновилична прогнатија (испакнатост).

 

Е

ЕКСТРАКЦИИ
Се вршат со специјално за тоа оформени забни клешти и / или полуги под локална анестезија. Најчесто интервенцијата е хируршки зафат во пределот на вилиците. Кај длабоко расипани заби (caries profunda) или кај заби заостанати во коската (умници), мора претходно да се засече и гингивата а, потоа да се пробие и коската (остеотомија). За да се минимализира можноста од компликации како на пр. искривени корени, близина на корените до некоја коскена шуплина или нерв, пред интервенцијата треба да се направи Ртг. снимка на забот и неговата околина.

ЕМАЈЛ-Емајлот или глеѓта е најцврстото ткиво во организмот на човекот и ја покрива надворешната површина на забот. Емајлот е изграден од т.н емајлови призми - правилни кристални структури кои му ја даваат неговата отпорност

ЕНДОДОНЦИЈА
Дел е од областа на денталната патологија. Се занимава со третирање на меките ткива од забот (како "нервот"- пулпата) и граничниот дентин во внатрешноста на забот. Позната е како "умртвување на забот", а претставува обработка на коренскиот канал. Ендодонцијата е конзервативна, зачувувачка метода во денталната патологија, дури и тогаш кога голем дел од забната коронка е деструиран и изгубен. Целите на еден ендодонтски третман се: да се отстранат остатоците од пулпиното ткиво од коренскиот канален систем, да се редуцираат бактериите во коренскиот канал и тој дефинитивно да се исполни со дезинфицирачки и био-стимулирачки материјал. Со ендодонтските третмани се спречува појавата на грануломи и цисти од забите чиј коренски систем е инфициран.

 

З

ЗАБЕН КАМЕН- настанува со исталожување на минерални соли од плунката во денталниот плак и за него се потребни околу 4 дена. За разлика од денталниот пак кој е невидлив со голо око, забниот камен се гледа има бледожолтеникава боја, но може да биде и кафеав или црн доколку во него се инкорпорирале пигменти од внесената храна, пијалоци или од цигари. Тој директно влијае врз настанување и продлабочување на пародонталните џепови заради што мора да се отстрани машински ( со ултразвучен апарат) и рачно со инструменти.

ЗАЛЕВАЊЕ
Ова е превентивна мерка со која се заштитува џвакалната површина на забите од појава на кариес. Сите заби што имаат длабоки фисури (засеци) на џвакалната површина, а тоа се јавува кај децата кои не примале флуор, имаат тенденција да им се задржува храна во нив, која брзо И лесно предизвикува појава на кариес. За да се спречИ тоа треба по никнувањето да се консултира стоматолог, кој ќе одлучи дали фисурите треба или не треба да се залеат. Залевањето се врши на тој начин што фисурите само малку, во емајлот се стругнуваат И се пополнуваат со материјал, кој покрај тоа што засекот го прави поплиток и позаоблен, уште испушта заштитни флуор јони во него. На тој начин забот е двојно, и механички и хемиски заштитен од кариес. Особено важно е по никнувањето да се исконтролираат првите катници-шестите заби, бидејќи тие се најизложени на кариес.

 

И

ИМПАКТИРАНИ ЗАБИ
Тоа се заби кои се наоѓаат во виличната коска но од различни причини не се појавиле во устата т.е. не изникнале. Тоа се најчесто умниците, но можат да бидат и др. заби како на пр. третиот горен заб-очникот. Ако станува збор за умници кои не прават никакви проблеми, не мора да се превзема ништо, но ако прават чести воспаленија во околното ткиво, тогаш се вадат оперативно. Импактираните заби кои и' естетски недостасуваат можат да се третираат комбинирано хируршки и ортодонтски и да се доведат до нивното место во забниот низ.

ИМПЛАНТИ
Имплантите се специјални метални изработки кои служат за надополнување на изгубените заби во целост. Тие се состојат од коренски дел сместен во коската, кој е изработен од метал (титаниум) и од коронарен, видлив дел, кој всушност претставува класична коронка или мост.


Шематски приказ на имплант

Можности (индикации) за употреба на имплантите има многу. Се изработуваат при недостаток на еден заб, особено во предниот, видлив дел од забалото (во фронтот), кога се замена за мост кој би имал два носачи и еден член. Втора можност е да се употребуваат кога недостасуваат многу заби во вилицата. Тогаш наместо парцијална протеза се поставуваат импланти кои воедно ќе бидат и носачи на мост. Третата можност е во беззаби вилици наместо тотални протези да се постават импланти и на нив циркуларен мост. Имплантите се всушност најсовремена можност за надополнување на природните заби.


Постојат три основни форми на импланти: лист, завртка и цилиндар. Кој од нив ќе се употреби зависи од индивидуалната состојба на виличната коска на пациентот и тоа: нејзината ширина, висина и квалитет. Најдобро време за поставување на имплантот е шест до осум недели по вадењето на забот, бидејќи раната е зарасната а новосоздадената коска сe уште е јака и не почнала да се повлекува.
Имплантите се поставуваат оперативно, во локална анестезија и постапно.
Во првата фаза се поставува имплантот во коската и се остава 3 месеца да зарасне со неа. За тоа време се носи привремена коронка. Откако ќе зарасне, во имплантот се поставува вториот дел т.н. сулкус формер.
Потоа тој се заменува со надградба, врз која се изработува стандардна коронка. Ако има потреба имплантот може да биде искористен како носач и врз него да се изработи мост.
По операцијата важно е да се ставаат ледени облоги од надвор, да се избегнуваат големи физички напрегања и пушење. Најважно за долговечноста на имплантите е строго спроведување на хигиена на устата и забите, под инструкции на лекар. Контроли во првите три месеца се прават еднаш месечно, а потоа на секои три до шест месеца.


Најчеста причина за губење на имплантот е периимплантит (воспаление на ткивото околу имплантот). Но денес, благодариение на ласер терапијата и тој проблем се надминува.
Траење: долгорочните студии денес, покажуваат 10-годишно преживување дури на 90% од имплантите. Трошоците за еден имплант, заедно со фиксно-протетска конструкција изнесуваат околу 20 000 денари.

 

К


Приказ на развој на кариесот

КАРИЕС на здрави заби секогаш се јавува како мал и површен дефект во емајлот на забот, а изгледа како кредаста бела до кафеава дамка. Затоа може да се открие во почетната фаза во која се отстранува машински скоро безболно. Непредвидливо е колку брзо кариесот понатаму ќе се шири, заради што се потребни редовни контроли од стоматолог на секои 6 месеца.

Кога кариесот ќе се приближи до пулпата се јавува болка од благо, ладно, топло и др. Тоа е знак дека мора да се оди на лекар за да се пломбира забот. Но ако забот почне да боли спонтано сам од себе, без никаква хемиска, механичка или термичка дразба и тоа силно и долго, тоа е знак дека е кариесот ги стигнал во подлабоките слоеви на забот, дури до "нервот" т.е. пулпата потребно е итно да се посети стоматолог. Обично на таков заб му треба ендодонтски третман, меѓу народот познат како "умртвување на забниот нерв".

КОРОНКА
е видливиот, со емајл прекриен дел на забот.
е заштитна навлака преку истружен заб тн. забно трупче, од метал или од керамика или од комбинација од овие два материјала а, поретко од синтетски материјал. На овој начин забот може егзактно да се реконструира, а по можност и по боја и по форма сосема хармонично да се вклопи во забниот низ.


Индикација за забна коронка најчесто е заб, многу деструиран од кариес, заб кој повеќе не може да држи пломба, од козметички причини и како зацврстувач при протетски изработки. При тоа познати се коронки-столбови при изработка на мостови и коронки за заштита на забот од кукици.
Според препарацијата, материјалот и изгледот на коронката (со метал- или со боја на заб) има различни видови на коронки. На пр. едноделно леани коронки, привремени, џекет коронки (цели од керамика), коронки од синтетички материјали, галвански коронки, штифт коронки, делумни, телескоп коронки или челик и др.
Како материјали за изработка на забни коронки се користат метални легури, метал со фасетка од керамика или синтетички материјал, само
керамика а, поретко само синтетички материјали.
Понатаму коронката трајно се прицврстува со специјални цементи.

 

М

МОБИЛНИ ОРТОДОНТСКИ АПАРАТИ


Мобилна ортодонтска протеза

Тоа се т.н. "протезички за деца". се специфични конструкции составени од база и жичан лак кој е активниот дел од апаратчето.Тие се носат за исправување на ортодонтски аномалии во текот на мешовитата дентиција, т.е. додека децата имаат и млечни и трајни заби . Тие треба редовно да се носат во текот на денот, се вадат само за јадење и за чистење. Треба обврзно да се носат во текот на ноќта, зошто имаат подолг континуиран период на корисно дејство.


Мост

МОСТ
Тоа е фиксно-протетска конструкција која се состои од коронки-носачи (кои го прицврстуваат мостот за забите носачи) и полни коронки-членови (кои ги заменуваат забите кои недостасуваат).

 
Н

НИКНУВАЊЕ НА ЗАБИТЕ
Никнувањето на забите не е строго ограничено во временски рамки, но сепак постои период во кој се очекува појавата на секој поединечен заб. Само битни отстапувања од очекуваната појава на забот се сметаат за задоцнето или прерано никнување и тогаш треба да се консултира стоматолог.
Пред запчето да се појави во уста, на гингивата каде што тоа се очекува, може да се напипа цврсто испакнување, кое на притисок побелува. Тоа е забот кој никнува и е еден од сигурните знаци дека за извесен период ќе се појави. Никнувањето на забите секогаш е проследена со нелагодност и нервоза кај детето, која е сосема природна, минлива и безопасна. За да се спречи чувството на чешкање, затегнатост и др. може локално да се накапуваат капки од локален анестетик, xilocain.

Табела бр. 1. Никнување на млечни заби

ЗАБ-млечен

ВОЗРАСТ  НА НИКНУВАЊЕ

РАСПОРЕД  НА НИКНУВАЊЕ

1

4-8 месец

прв

2

8-10 месец

втор

3

16-20 месец

четврт

4

12-16 месец

трет

5

20-30 месец

петти

Табела бр. 2. Никнување на трајни заби

ЗАБ-траен

ВОЗРАСТ НА НИКНУВАЊЕ

РАСПОРЕД НА НИКНУВАЊЕ

1 горе

1 долу

7-8 години

6-7 години

втор

прв

2горе

2 долу

8-9 години

7-8 години

трет

втор

3 горе

3 долу

11-12 години

9-10 години

петти

четврти

4

10-12 години

петти

5

10-12 години

петти

6

6-7 години

прв

7

11-13 години

пртпоследни

8

17-21 година

последни

 

О

ОРТОДОНЦИЈА
Ова е наука за аномалиите на забите и вилиците (аномалии се отстапувања од "нормалното") и нивното санирање. Како засебна дисциплина се издвојува од крајот на 19. век-пред сe од основачот на научната ортодонција, Едвард Енгл, и се воведува во стоматологијата. Целта на ортодонцијата е да се откријат грешките во развојот и градбата на виличниот и лицевиот предел, да се најдат причините за тоа и да се згрижат односно излекуваат. Најповолниот временски период за лекување на овие аномалии е во детството и младоста, до околу 21 година, додека вилиците сe уште растат, но со соодветна соработка и финанска издржаност се опишуваат добри резултати и кај возрасни.

ОТВОРЕН ЗАГРИЗ


Отворен загриз

Ова е ортодонтска аномалија во вертикален правец, при која одредена група на заби, во оклузија (откако ќе се затворат И допрат забите) остануваат надвор од контакт. Најзабележлива е кога се јавува на предните заби. Кога е јако изразена дури И преткатниците можат да не се допираат а, усните не можат да се допрат И во мирување. Постојат различни причини за појава на отворен загриз, а една од нив се лошите навики како: цицање на палецот, тискање на јазикот кон забите, грицкање на молив И др. Родителите треба со упорност да ги отстранат лошите навики кај своите деца со тоа да ја спречат појавата на отворен загриз или, ако тој веќе постои, да може полесно да се санира.

 

П

ПАНОРАМСКА РТГ СЛИКА-ПАНОРАМА
е вид на рендген снимка кратко наречена "ортопан" по еден произведувач на Ртг апарати.


Панорамска снимка

Рентгенот е објаснет во 1946 година а, од 1961 е воведен како дијагностичка метода. Панорамата е екстраорална (надвор од устата) ртг снимка која ги прикажува: забите (отсутни/присутни, воспалителни промени на врвот на коренот, длабок кариес), вилиците (состојбата на виличните коски, коскената структура-градба, виличниот зглоб) И дали граничните области на вилиците овозможуваат простор за евентуално поместување на забите. Но сево ова оди на штета на деталната прецизност, која е можна единствено со интраоралните снимки, тн. забни снимки. Озрачувањето на целото тело при панорама снимките, благодарение на техничката изводливост на зајакнувачки фолии е сведено само на околу една третина во однос на малите интраорални снимки.
Оваа снимка најчесто се користи кај млади пациенти за контрола на се' уште неизникнати умници.

ПАРОДОНТАЛЕН ЏЕБ
е простор меѓу гингивата и површината на забот кој настанал заради нивно воспаление. Во овој џеб се задржуваат бактерии, распаднати остатоци од храна, оштетени клетки од гингивата и забот и леукоцити кои се борат против воспалението. Прв чекор во лекување на пародонтопатијата е чистење на содржината на пародонталниот џеб и негово повлекување- реатачмен?.

PARODONTITIS APICALIS
е акутно или хронично воспаление околу врвот на коренот на забот, најчесто како резултат на умртвување на забот или заради прекини во полнењето односно недополнетост на коренот на забот. Акутниот пародонтитис апикалис може да предизвика јаки болки и ако не се третира може да предизвика видлив оток во пределот на лицето. Понекогаш пародонтитс апикалис може да доведе до создавање на фистула или да се промени во забна циста. На ртг. Снимка се гледа како црна флека тн. просветлување, во големина на зрно грашок. Со терапија на пародонтитсот се постигнува излекување при што прво се трепанира, потоа се обработува каналот и дефинитивно се исполнува или пак, во "наједноставен случај", забот се вади (екстрахира).

ПРЕВЕНЦИЈА
Поимот превенција значи зачувување на здравјето со цел да не се појави болест, и е неделив дел од сите медицински и стоматолошки десциплини, а особено од детската стоматологија.

ПРОГЕНИЈА


Прогенија

Прогенија или прогнатија(испакнатост) на долната вилица е ортодонтска аномалија во хоризонталниот однос на вилиците, при што долната вилица се наоѓа пред горната. Тоа може да биде заради принуден загриз, кај мала горна вилица или генетски условена, наследна, голема и долга долна вилица која израснува понапред од горната. Прогенијата дава промени во изговорот но и карактеристичен изглед. Оваа аномалија, особено ако некој во фамилијата веќе има прогенија, треба уште од мала возраст да се третира за да може, ако не да се избегне, барем да се ублажи.

ПРОТРУЗИЈА
Ова е ортодонтска аномалија на предните заби при што тие се испакнати кон напред. Таа дава лош естетски изглед како И пречки во изговорот на некои букви како с, ш, ч, џ. Обично е комбинирана со прогнатија (испакнатост) на горната вилица. За среќа правилен и навремен ортодонтски третман може комплетно да ја исправи оваа неправилност и евидентно да го подобри естетскиот ефект.

ПУЛПА
Сместена во внатрешноста на секој заб, пулпата е изградена од нервните и крвни садови кои го исхрануваат забот и му даваат можност да реагира на надворешните влијанија. Во пулпата се наоѓаат клетки кои во текот на животот на забот создаваат дентин, како и келтки кои се борат со бактериите кога тие ќе навлезат во забот.

 

Р

РАСЦЕП НА УСНА И/ИЛИ НЕПЦЕ т.е. HEILOGNATOPALATOSCHISIS
Како што кажува и самото име (heilo-усна, gnato-коска, palato-непце, shisis-расцеп) оваа аномалија претставува едностран или обостран расцеп само на усната или и на усната и на виличната коска, евентуално и на непцето. Ова е сложена, вродена аномалија, која пореметува неколку важни функции: цицање (подоцна џвакање), голтање (значи исхраната), потоа говорот а, уште веднаш е препознатлива по карактеристичниот естетски изглед. Може да настане под влијание на различни фактори во текот на раната бременост, кои го пореметуваат развојот на ембрионот во лицевиот предел. Причината може да биде наследна или од стрес, недоволна исхрана, некои лекови, вирусни заболувања или изложеност на радијација на мајката во бременоста.


За среќа, денешниот комплексен терапевтски пристап дава извонредни резултати во нејзиното лекување. Во него истовремено се вклучени повеќе стручни профили: ортодонт, педијатар, хирург, оториноларинголог, педодонт, логопед и психолог. Тие комбинирано дејствувајќи позитивно го решаваат сложениот проблем на расцепите, кои во минатото, за жал, биле тотално запуштани.
Терапијата на расцепите започнува по раѓањето, со користење на специјално конструирани протезички т.н. стимулатори, кои се менуваат на секои 3 недели до шестмесечна возраст. За тоа време со стимулаторите се овозможува непречена исхрана и приближување на одвоените сегменти. Потоа следи хируршки зафат, за кој најдобро време е меѓу 6 месеца и 2 години, за да не се спречи растот на горната вилица а, да се регулира пред да започне артикулациониот говор. Потоа се продолжува со ортодонтска терапија со мобилни а, потоа со фиксни ортодонтски апаратчиња, со што на крајот, по пубертетот, на задоволство на пациентите, нивните родители и стручниот тим може да се види ефектот од долгата, комплексна но успешна терапија.

 

С

СТОМАТОЛОГИЈА
1.) (stoma-отвор, logos-наука) е наука за лекување на забите, устата, вилиците и виличниот зглоб, како важен составен дел на медицинското згрижуваање на населението. Важни стоматолошки дисциплини, кои се достигнуваат со специјално дообразување се: болести на забите и ендодонтот - дентална патологија (конзервативна стоматологија), детска и превентивна стоматологија, болести на устата и пародонтот-пародонтологија (болести на потпорниот апарат на забите), стоматолошка, орална хирургија со имплантологија, ортодонција ("исправување на забите"), протетика (замена на природните со вештачки заби) и технологија на стоматолошки материјали. Во последниве децении, стоматологијата е во тесна врска со медицината, прво заради можноста рани знаци на многу општи заболувања да се појават прво во устата, а второ заради тоа што стоматолошките болести (пародонтопатија) и третмани (преосетливост на стоматолошки материјали) можат да се одразат на целокупниот организам.

2.) е уметност , иако понекогаш и мака, да се дофатат корените или да се усреќат обесхрабрените пациенти.

 

Т

ТОТАЛНА ПРОТЕЗА
Тоа е мобилна протетска изработка која го надополнува целото забало. Се состои од два дела: база, која со помош на вакуум интимно се прилепува за усната лигавица, прекривајќи ги горе: непцето и виличните гребени и долу: само виличните гребени; базата може да биде изградена од синтетички материјал - акрилат, чија предност е цената, а недостаток тоа што може да даде алергија, покрива поголема површина од лигавицата и др. и од метал - чија предност е што е потенок, помал по површина и затоа полесно се поднесува а, недостаток му е што е поскап; вештачки заби кои ги заменуваат природните и се бираат за секој пациент индивидуално, за да му одговараат на физиономијата по форма, големина и боја; можат да бидат од акрилат, или од порцелан, кој е поцврст, потраен и понеутрален на надворешни влијанија од акрилатот, но од него е поскап.

 

Ф

ФИКСНИ ОРТОДОНТСКИ КОНСТРУКЦИИ
Тоа се популарните "фиксни протези", конструкции со систем од брекети и жичани лигатури кои, за извесно време се фиксирани за забите. Тие не можат секојдневно да се вадат вадат од уста, но се единствени кои можат да ги поместат трајните заби до нивното вистинско место и со тоа да ја исправат постоечката ортодонтска аномалија.

ФЛУОР ТАБЛЕТИ
Децата треба да примаат флуор бидејќи тој е најважен елемент за да се имаат здрави заби. Тој е единствениот елемент кој многу ја зацврстува структурата на забот дури таа се гради (затоа важно е да се прима дури децата растат, подоцна таблетите не делуваат.), и го прави забот дури до 80% поотпорен на кариес што е извонреден ефект. За жал овој елемент на територијата на Р.Македонија го нема во доволни концентрации ниту во водата, ниту во почвата. Заради природниот недостаток од флуор, борбата против кариесот е можна а, воедно и многу едноставна со примена на флуор таблети.
Таблетите се купуваат во аптека, во доза од 0,25 мг или од 1 мг по цена од околу 100 ден. Се примаат еднаш дневно, а едно пакување содржи 400 таблети, што значи дека трае повеќе од една година.
Дозите се: мајките во текот на бременоста, паралелно со другите минерали, треба да примаат флуор во форма на таблети од 1 мг. Доза за децата од 6 месеци до 3 години е една таблета од 0,25 мг флуор; од 3 до 6 години е 0,5 мг (пола таблетка од 1 мг), а над 6 до 13 години е 1 мг.
Таблетите се земаат само еднаш на ден, најзгодно пред спиење. Немаат никакви дополнителни ефекти затоа што се чист минерал, како калциумот, магнезиумот и др. кои исто така се даваат дополнително. Но, флуорот кај нашиот народ е многу малку популарен, за разлика од други европски народи кај кои е најнормално и најредовно употребуван.

ФЛУОРИДИ
Се соли на флуороводородната киселина. Во профилаксата на кариес најуспешно се користат амин- и натриумфлуоридите. Кариес профилаксата со флуор сe уште не може да биде побиена, бидејќи нејзините противници не можат да приложат научно издржани аргументи за евентуалната "штетност" на овој елемент.

Флуорот ги има следните дејства врз забот:

  • - соединенијата на флуорот (флуоридите), имаат ненадмината моќ во заштитата на забите од кариес, при што од една страна се вградуваат во забната структура, но само додека забите се формираат и минерализираат во виличната коска, како и кратко време по никнувањето. Затоа флуор таблетите се најефикасни во раната возраст а, немаат ефект над 13 годишна возраст. Вградените флуориди го прават забот поцврст, што се манифестира со негова отпорност на киселините. Од друга страна позитивно влијае на процесот на минерализација и деминерализација на забната површина, што е постојан процес кој се врши преку плунката. Затоа треба да се користат флуор препарати за надворешна употреба.
  • ја спречува деминерализацијата на кристалите на емајлот од забната површина, кога таа е нападната од киселини од храната или од забниот плак
  • ја овозможува реминерализацијата на забот, и со тоа го прави повторно отпорен, при постојано присуство на мали дози во плунката и од депоата на калциумфлуорид во горните слоеви на емајлот. Калциумфлуоридот се користи како "флуор пренесувач" на другите флуор молекули во подлабоките слоеви на емајлот.
  • дополнително го спречува дејството на киселините преку директно инхибирачко дејство врз кариес-предизвикувачките бактерии

Затоа криес профилакса на поширокатата популација без користење на флуор, во овој момент е незамислива. За надворешна употреба на флуор (на пр. во паста за заби) се употребуваат различни соединенија. Во секој случај важно е дека флуорот е биолошки искористив само во растворена, јонска форма и само како таков може да се вградува во цврстите забни супстанции.

  • NaF-натриум флуорид - во забната паста се врзува за честичките за чистење од калциум карбонат односно калциум фосфат, градејќи тешко растворлива сол, калциум флуорид. Флуорот врзан во таа форма веќе го нема на располагање во големи количини.
  • NaFPO4 - натриум моно флуор фосфат - е денес најкористената кариес профилактична компонента во пастите за заби. И покрај врската со честичките за чистење, ова соединение останува растворливо, а со тоа и понатаму оддава флуориди.
  • SnF - калај флуорид - се употребува само во комбинација со други флоуриди. Во долгорочните испитувања, калај флуоридот покажал силно спречување на активноста на кариесот, особено кога се употребува заедно со аминофлуорид. Недостатоци во пастите за заби му се: лошата стабилност и можноста од црно пребојување, кои што сепак стручно можат да бидат надминати.
  • AmF - аминфлуорид - е органска молекула која се карактеризира со добра дифузија низ емајлот. Наспроти другите флуориди, аминфлуоридот се карактеризира со високо специјализирано длабинско делување, во споредба со другите соединенија, со највисоко обогатување со флуориди на надворешниот слој од емајл и со најсилно намалување на растворливоста на емајлот од киселини. Неговата комлексна структура овозможува четири пати подолго задржување врз забот на кој што му дејствува. Аминфлуоридот го спречува колонизирањето и активноста на бактериите што создаваат киселини, а особено предизвекувачите на кариес. Исто така, го оневозможува опасниот пад на pH- вредноста во временски период до 6 часа (Na F - околу 1 час).


При употребата на флуор, неопходна е флуор анамнеза со што би се избегнало предозирањето. Како важни фактори кои се проверуваат се: концентрацијата на флуор во водата за пиење, во Р. Македонија е околу 0,3 mg/l, што е помалку од потребното 1 mg/l (бесплатни информации се добиваат во Регионалниот или Републичкиот завод за здравствена заштита-РЗЗЗ), минералната вода (има информации на етикетата), готварска сол (флуорирана или нефлуорирана), средства за чистење на забите (ниска или висока концентрација на флуориди).
Од тука произлегува препораката: забите треба да се мијат

  • по првиот млечен заб, еднаш дневно со детска паста во големина на зрно грашок (500 ppm флуорид),
  • по третиот роденден да се мијат два пати дневно
  • во школска возраст со забна паста за возрасни (1000 ppm). Дополнително се препорачува да се употребува флуорирна готварска сол.
 

Х

ХИПЕРДОНЦИЈА
Ова е ортодонтска аномалија кај која се јавуваат прекубројни заби (има поголем број на заби од нормално). Може да се јави и во млечната но, почеста е во трајната дентиција. Почесто се јавува во горната вилица и тоа еднострано. Најчест прекуброен заб е вториот секач, значи овие пациенти имаат два втори секачи. Се јавува и трет преткатник, како и четврт катник. Терапија се превзема во случај прекубројните заби да предизвикаат тескоба или други неправилности во забниот низ. Но, ако се вклопува во забниот низ без функционални, фонетски и естетски проблеми, нема потреба да се интервенира. Сепак за ова може да одлучи само стоматолог.

ХИПОДОНЦИЈА
Пациентите со хиподонција имаат недостаток на заби. Ова е честа ортодонтска аномалија, а ако се земе во обѕир недостатокот од последниот катник-умникот, застапена е, според некои автори, и до 30% од населението. Оваа аномалија почесто се јавува во горната вилица и тоа обострано, при што ако се изземат умниците, најчесто недостасуваат вторите секачи, а потоа следат вторите преткатници. Хиподонцијата може да не предизвикува дополнителни неправилности, но ако има потреба може успешно да се коригира со ортодонтска или комбинирана ортодонтско-протетска терапија.

 

Ц

ЦЕМЕНТ
Цементот го гради коренот на забот и го прекрива дентинот. Цементот по состав е сличен на алвеоларната коска. Во него се вградуваат влакната кои го придржуваат забот во алвеоларната чашка.

ЦИРКУЛАРЕН МОСТ
Тоа претставува најголема фиксно-протетска конструкција. Тој се изработува кога недостасуваат повеќе заби од двете страни во една вилица но, сепак има доволно, правилно распоредени, здрави заби за да бидат носачи. Тоа е мост кој оди од вториот катник лево до вториот катник десно и со тоа всушност ги надополнува сите заби во вилицата.

ЦИСТА
Тоа е коскен дефект на Ртг сличен како грануломот, но јасно ограничен и во напречен пресек еднаков или поголем од 1 см. Цистите можат да се развијат од гранулом кој не е ендодонтски лекуван, но покрај забните, постојат и многу други видови цисти. Тие се лекуваат оперативно, со локална анестезија.

 

Ч

ЧЕТКА ЗА ЗАБИ

Механичко помошно средство за чистење на забната површина и масажа на гингивата. Целосно е изградена од синтетски материјали. Од една четка за заби денес се бара:

четка со мала глава, нормална до тврда, со право, мало поле за четкање, составено од повеќе снопчиња, така што и тешко приодните агли и кривини да станат достапни.Најново се нудат четки во форма на буквата У, со повеќе глави, кои ги чистат забните низови истовремено од двете страни. За нив до сега недостасуваат долгорочни испитувања, но сепак првите клинички тестови покажуваат надмоќ на овие четки во однос на претходниот, влакнест вид.

влакната на четките за заби се од синтетички материјали, со заоблени краеви. Тоа никако не смеат да бидат природни влакна заради нивната структура (природните влакна од внатре се шупливи а, со тоа се носители на бактерии).

 

Ш

ШЕСТИ ЗАБ т.е. ПРВ КАТНИК
Првиот катник, популарната "шестка" е првиот траен заб, кој никнува во устата. Тој се појавува во шестата година од животот, возраст на која во устата се наоѓаат млечните заби пред менување, поради што повеќето од нив се со кариес, и во услови на слаби хигиенски навики, кои кај овие дечиња се уште не се доволно развиени. Од друга страна, затоа што никнува многу порано од другите катници (6-7 години порано), тој има многу пократко време да се минерализира во коската. Затоа има послаба внатрешна градба, И покрај тоа што е најмасивен заб во вилицата.
Од овие две причини, слаба хигиена И кариогени услови на никнување, како И краток период на минерализација, овој заб е најостлив на кариес, кој без соодветна заштита на забот, многу брзо И масивно пробива во него. Затоа овие заби бараат особено внимание.
По никнувањето, првите катници треба на чести контроли да се премачкуваат со флуор И тоа во почетокот 2-3 пати неделно, дечињата да се обучат на подобра хигиена, а по потреба, неговите фисури треба да се залеат. Причина плус да се зачуваат првите катници е И фактот дека тие се стратешки заби за никнувањето на останатите, т.н. клучеви на оклузијата, а нивното рано вадење често предизвикува ортодонтски аномалии.
Најважна улога тука играат родителите, кои треба да ја следат состојбата во устата на децата и да ги навикнат на почести И пријатни посети на стоматолог.